Егзекутивните функции и социо-емоционалните вештини се развиваат низ целиот живот, а најмногу во текот на предучилишната возраст. Социо-емоционалните вештини се многу важна основа за училишна подготвеност и академски успех. Истражувањата покажуваат дека социо-емоционалните и егзекутивните фукции им помагаат на децата да се справат со стресни ситуации, да се сложуваат со наставниците и врсниците, и да ги менаџираат емоциите. Негувањето на емоционалната само-регулација и вештините за менаџирање на стрес кај учениците ги засилува егзекутивните функции и се чини дека е значаен начин за поддршка на учениците да се справуваат со предизвиците во животот и во училишната средина. Потенцијален пристап за поддршка на социо-емоционалниот развој е преку јога за деца и „mindfulness“ интервенции.
Јогата се состои од систем на вежби, како физички пози, медитација, вежби за дишење и техники за релаксација, кои што се повеќе се користат со деца за да го промовираат здравјето и добросостојбата. Постојат многу невробиолошки докази кои го поддржуваат ефектот на јогата која промовира когнитивна, емоционална, бихејвиорална и физиолошка регулација, зголемување на резилиентноста и справување со стрес. Во училишната средина јогата се препорачува за да им помогне на учениците да се справат со стрес и анксиозност, да се намали гојазноста и други здравствени потешкотии, да се подобри менталното здравје и да се намали предизвикувачкото однесување.
„Mindfulness“ се користи за подобрување во корист на социјалното и емоционалното здравје. Постојат разни дефиниции за „mindfulness“ и сите вклучуваат насочена свеснот во сегашниот момент. Истражувањата врз ефектите на интервенциите базирани на „mindfulness“ врз здравјето покажале дека има позитивни ефекти на физичкото здравје и може да подобрат состојби како хипертензија, хронична болка и стрес кај возрасни. Имплементирани дури и на краток период се покажало дека „mindfulness“ има позитивни ефекти на психолошки состојби како депресија и анксиозност. Кога се имплементираат во училишна средина, јогата и „mindfulness“ имаат позитивни ефекти на физичкото, психолошкото и емоционалното здравје.