Употребата на компјутер во работата со ученици со посебни потреби може да претставува дополнителна потешкотија поради: ограничени движења на рацете, недоволно развиена фина моторика, визуелизација на содржината на екранот, користење на стандардните влезни уреди, како тастатура, глувче и др.
Поради тоа модерната технологија која е во постојан напредок, нуди дополнителни можности што го приспособуваат компјутерот на способностите на лицето што го користи. Една можност претставува асистивната технологија која претставува
начин за приспособување на компјутерот и нуди можности за непречена употреба на компјутерот.
Под асистивна технологија се подразбира секој производ, дел од опрема или систем, без разлика дали се користи во својата изворна форма, изменет или приспособен, што се користи за да се зголемат, да се одржат или да се подобрат функционалните способности на лицата со попреченост.
Асистивната технологија опфаќа широк спектар на помагала за олеснување на движењето, комуникацијата, работата со компјутер, секојдневни активности, како и услуги што овозможуваат лицата со попреченост да вршат функции коишто во спротивно би можеле да бидат тешко или невозможно остварливи.